Турција- Сирија

Над 16.000 жртви во земјотресите во Турција и Сирија

09.02.2023 10:04

Над 16 илјади загинати во земјотресите во Турција и Сирија. Трета ноќ спасувачките екипи се обидуваат да извлечат преживеани под урнатините. Надежта полека исчезнува по изминатите 72 часа, притисокот од ледените температури и стравот од нови афтершокови. Турските власти ветија згрижување на сите што немаат покрив над глава. Помош стигнува од сите страни на светот...

Три дена од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија бројот на загинати надмина 16.000. Во погодените области кои првично беа тешко достапни, по напредувањето на спасувачките, бројот на жртви се зголеми. Трошка надеж во спасувачките напори влеваат оние кои и по 77 часа безбедно беа извлечени под урнатините.

Лошото време и високиот ризик од последователни потреси ја отежнуваат спасувачката мисија.

„Не знам каде би можеле да бидат исчезнатите. Вчера тимовите спасија двајца. Оттогаш никој не е пронајден“, вели Сибел, жителка на Турција.

Многу од преживеаните во Турција и во Сирија останаа без покрив над главата и основни услови за живот. Хуманитарната помош и донациите од светот се на пат во погодените подрачја.

„Три дена ни е уништена зградата, под урнатините има многу луѓе, имам и мајка и брат под урнатините. Почнаа да работат градежните машини. Претходно сами се обидуваме да го расчистиме шутот“, изјави 45-годишниот Серап Арслан, кој го преживеа земјотресот.

Турскиот претседател Ердоган вчера од погодените подрачја порача дека сите граѓани ќе бидат згрижени. Договорено е сместување во хотели во неколку провинции.

 

Маријана Димовска