Трет ден од земјотресите во Турција и Сирија, хуманитарна помош на пат кон погодените подрачја
Бројот на загинатите во земјотресите во Турција и Сирија расте со секоја минута. Трошка надеж во спасувачките напори влеваат децата и возрасните кои беа спасени и по 70 часа поминати под урнатините. Хуманитарната помош и донациите од светот се на пат кон погодените подрачја...

Три дена од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија. Бројот на загинатите расте со секоја минута. Трошка надеж во спасувачките напори влеваат децата и возрасните кои беа спасени и по 70 часа поминати под урнатините.
Десетгодишниот Мехмет успешно беше извлечен од под тешкиот бетон 68 часа по земјотресот.
Лошото време и високиот ризик од последователните потреси ја отежнуваат спасувачката мисија. Урнатините и натаму ги прават тешко достапни пределите што мора да се пребараат.
„Транспортот е отежнат. Беше потребна голема организација за да се добијат доволно возила и да се донесат овде. Ни беше потребно време и за да ја доставиме опремата. Голема помош добивме од локалното население и автобуските компании“, изјави Марк Дејви, координатор на Меѓународниот тим за пребарување и спасување во Обединетото Кралство.
„Екипите за цивилна одбрана мака мачат со тешката механизација поради оштетување на масивниот простор. Над 400 локации се целосно, а над 250 се делумно оштетени. Ги повикуваме меѓународната заедница и сите хуманитарни организации да им пружат помош на погодените Сиријци“, рече Абада Зикри, волонтер за цивилна одбрана.
Жителите на Турција и на Сирија се очајни. Не знаат што се случило со нивните блиски. При секое поместување на бетонските блокови, се надеваат дека ќе слушнат познат глас.
„Не знам каде би можеле да бидат исчезнатите. Вчера тимовите спасија двајца. Оттогаш никој не е пронајден“, рече Сибел, Турција.
„Три лица од моето семејство се под урнатините. Стигнува помош, поставивме шатори и ќе живееме во нив сè додека не се обноват зградите“, рече Хава Хавам, Турција.
Многумина од преживеаните во Турција и во Сирија останаа без покрив над главата и основни услови за живот. Хуманитарната помош и донациите од светот се на пат кон погодените подрачја. Во Сирија пристигнувањето на помошта е отежнато поради санкциите, иако хуманитарното право има приоритет при вакви катастрофи.
Маријана Димовска
