МАНУ

Дел од вработените во МАНУ денес на штрајк

09.02.2023 11:55

Вработените во секретаријатот на МАНУ и стручните единици стапија во штрајк, главното барање до претседателството на академијата е зголемување на платите...

Вработените во секретаријатот на МАНУ и стручните единици стапија во штрајк, информира Сојузот на синдикатите на Македонија. Главното барање до претседателството на академијата е зголемување на платите. Од синдикатот велат дека вработените се доведени во неповолна и недостоинствена положба, бидејќи нивните плати се едвај над минималецот и не се зголемени изминативе 15 години.

„Во повеќе наврати се обидовме да изнајдеме решение за зголемување на платите, но, досега не наидовме на разбирање кај претседателството на МАНУ“, велат од синдикалната организација, којашто за утре закажа прес-конференција. Академиците немаат статус на вработени во МАНУ, туку добиваат академска награда на месечно ниво.

Ова е првпат во 56-годишното постоење на МАНУ, вработените во Секретаријатот и стручните единици да стапат во штрајк.

Според Законот за МАНУ, МАНУ е највисоката самостојна научна и уметничка институција во државата. Во штрајкот не учествуваат академиците на МАНУ, како ни научните соработници вработени во истражувачките центри на МАНУ.