Македонија-Бугарија

Пуштени од притвор општинските службеници кои го каменуваа македонскиот клуб во Благоевград

09.02.2023 12:28

4-цата службеници во Општина Благоевград, осомничени за каменувањето на македонскио клуб „Никола Вапцаров“ , пуштени од притвор, без никаква пријава. За иницијаторката Људмила Костадинова оштетувањето на клубот било реакција на случувањата на бугарско-македонска граница на 4-ти февруари...

Двајцата општински службеници во Благоевград и нивните сопруги, осомничени за каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, се пуштени од притвор, објавија бугарските медиуми. Против нив не е поднесена никаква пријава. Људмила Костадинова, една од сторителите, потврди дека таа била иницијаторка, како реакција на случувањата на бугарско-македонската граница на 4-ти февруари.

„Тоа не беше вандалски чин. Тоа беше израз на гнев против јавната антибугарска политика, која се води од највисоко ниво“, изјави Људмила Костадинова.

Костадинова била кандидатка за градоначалничка на Благоевград на последните два циклуса локални избори. Двајцата мажи, вработени во јавното претпријатие „Озеленување“ во Благоевград, го делат нејзиното мислење и затоа ѝ се приклучиле.

„Требаше да се покаже дека народот има позиција и право на сопствено мислење. Кога политичарите молчат, народот има право да зборува“, рече Николај Иванов.

Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов изјави дека ќе ги казни сторителите, но кога ќе бидат санкционирани цариниците и полицајците во Македонија, кои, според него, предизвикале ментално и физичко насилство врз многу Бугари. А секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, ќе добие лично обезбедување, а наскоро и бугарско државјанство. Ова било потврдено на средбата на Пендиков со министерот за внатрешни работи Демерџиев. Премиерот Ковачевски пред два дена рече дека не е наше да се мешаме во одлуките и активностите што ги преземаат бугарските власти, исто како што никој не може да се меша кај нас, доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин. Охридското обвинителство, пак, поднесе обвинение за нанесување тешка телесна повреда од омраза против напаѓачот на Христијан Пендиков. Обвинетиот, кој е во притвор, се бранел со молчење. По вториот осомничен сè уште се трага.

 

 

Милчо Велески