Зеленски учевствува на специјален самит за Украина во Брисел
Украинскиот претседател Зеленски на специјален самит на Европскиот совет. Киев лобира за нови пратки оружје од западниот свет. Официјален Брисел ветува поддршка до самиот крај на војната со Русија...

Украинскиот претседател Зеленски ја продолжува европската турнеја за дополнителна воена помош, по Лондон и Париз, во посета на Брисел на вонреден самит на Европскиот совет. Лидерот на Украина во Европскиот парламенет, пречекан со овации, за европските лидери, неговата посета е историска можност.
„Јасно ни е дека вие не се борите само за вашите вредности, туку и за нашите, за идеалите кои нè поврзуваат, браќа и сестри, тие нè прават сите Европејци. Украина е Европа и вашата иднина е во Европската Унија“, изјави Роберта Мецола – претседател на Европскиот парламент.
„Опасноста е што постои диктатор со масовни залихи и резерви на советско оружје и оружје од диктаторски режими, особено од Иран. За да може да се бори вака, Кремљ, намерно и цинично, со години, постепено се обидуваше да ги уништи европските вредности, вредноста на човечкиот живот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Воената помош останува приоритет за Киев.
„Ова е исклучително важен Европски самит, за прв пат Володимир Зеленски учествува лично. Многу сме обединети, повеќе од кога и да е. Важно е да ги зголемиме напорите за поддршка на Украина“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
„Добро е што можеме да дискутираме со украинскиот претседател и уште еднаш да ги покажеме сигналите за единство и солидарност. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, во одбраната на нејзината независност и интегритет, до кога и да биде потребно“, рече Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Москва повеќепати го предупреди Западот, да не испраќа оружје во Украина, бидејќи Кремљ, тоа го толкува како директно мешање во војната.
„Полека исчезнува линијата меѓу посредната и непосредната вклученост. Изразуваме жалење за овие акции кои ќе доведат до ескалација, пролонгирање на конфликтот што ќе биде поболно за Украина. Постапките на овие земји не го менуваат исходот на конфликтот и не ја менуваат патеката, којашто ја следи нашата земја кон целите на воената операција“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Руските напади се интензивираат во источна Украина. Војната трае веќе една година.
Маја С. Филдишев
