Скопје

ИЗИС: Новите безбедни, надградените згради ризични

09.02.2023 12:47

Новите градби се најбезбедни во случај на земјотрес. Надградбите и дивоизградените објекти се во ризик-велат од Институтот за земјотресно инженерство. Потребна е надградба на стандардите за градење со нова сеизмолошка изолација-сугерираат јапонски експерти дојдени во Македонија...

Најбезбедни од земјотрес во Скопје се новите градби кои се градат според построги сеизмолошки стандарди, вели директорот на Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство. Сепак додава дека се небезбедни градбите со надградби и изградените без контрола од ИЗИС.

„Мора да имаме предвид дека не се само новите градби. Имаме постојни градби, јас често споменувам, имаме надградби, доградби коишто често претставуваат проблем при вакви земјотреси, а исто така имаме, мора да признаеме и нелегални објекти за коишто немаме никакво сознание за нив, никаква документација. Тоа се работи коишто во иднина мораме апсолутно да ги подобриме и надминеме, само тогаш можеме да зборуваме какви ни се сите градби во Скопје и во државата“, изјави Влатко Шешев, директор на Институт за сеизмологија и земјотресно инженерство.

Јапонија како држава која успешно се справува со чести потреси, со експерти помага на Македонија за превенција на земјотреси.

„Оваа година е 60-годишнината од скопскиот земјотрес и ова е добра пригода не само да се сетиме на трагедијата, но исто така и да се подготвиме и спречиме идни земјотреси со нови технологии“, изјави Казуја Отсука, амбасадор на Јапонија.

За поголема безбедност на градбите придонесува и јапонската метода на сеизмолошка изолација која може да спаси многу животи при силни земјотреси.

„Потребно е надградба на стандардите за градење на станбени згради со примена на новата технологија за сеизмолошка изолација што придонесува за нивата поголема стабилност при земјотреси“, додаде Акинобу Наказава, претседател на јапонската Асоцијација за сеизмолошка изолација.

„Како држава којашто страда од земјотреси, во Јапонија произведуваме технологии коишто спасуваат човечки животи со зголемување на стандардите при градба на згради“, изјави Хироаки Тојохара, директор на Меѓународни градежни анализи.

Скопското училиште Песталоци е меѓу првите градби во Европа и светот со сеизмолошка изолација, но за широка примена на оваа метода за побезбедно градење мора да има континуирана контрола и технолошки обучена индустрија, велат од ИЗИС.

 

Ирина Гелевска