Партии

При кај се преговорите за проширување на владиното мнозинство

09.02.2023 13:43

Финишираат преговорите за проширување на владиното мнозинство, Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници, да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владејачката коалиција...

Финишираат преговорите за проширување на владиното мнозинство. Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници, на кои се очекува претседателот на партијата и премиер Димитар Ковачевски, да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владејачката коалиција, како и понудата до актуелниот коалициски партнер Алтернатива со чиј лидер Африм Гаши вчера имаше средба.

Од Алтернатива не откриваат детали за исходот од разговорите помеѓу Ковачевски и Гаши, најавуваат дека одлука за натамошното делување нивните партиски органи ќе носат откако, како што велат, ќе се формализира новата коалиција.

Министерот за здравство и потпретседател на Алтернатива, Беким Сали вчера изјави дека партијата сè уште нема добиено „конкретен предлог на маса“, за нејзините позиции во идната влада, додавајќи, дека немаат информација за тоа што би добила Алијансата за Албанците за приклучување кон парламентарното мнозинство, па затоа и не може да коментира кои се позициите на Алтернатива.

По средбата со актуелните коалициски партнери, премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.

Според извори од Алијансата за Албанците, конечниот договор за приклучување на партијата кон парламентарното мнозинство, би требало да финализира најдоцна денеска, бидејќи од петок Таравари заминува на службено патување.