Куманово

Невропсихијатар доброволно бара да замине во Турција

09.02.2023 13:54

Бројките на загинати и повредени во земјотресот во Турција се големи, но уште поголеми се на психотрауматизираните лица, кои имаат потреба од итна помош и згрижување, смета невропсихијатарот Дудучки, кој е меѓу првите лекари во земјава, кој доброволно се пријави да замине во Турција. Поранешниот воен лекар за МТВ раскажува дека жртви не се само лицата со физички повреди, туку и сведоците...

Невропсихијатарот, Мице Дудучки заедно со својот син психолог, е меѓу првите лекари, кои се пријавија на повикот на Министерството за здравство, за доброволно помагање на лицата погодени по разорниот земјотрес во Турција. Дудучки, кој е поранешен воен лекар со значајно искуство од масовни несреќи и катастофи, смета дека е неопходна итна помош и згрижување на психотрауматизирани луѓе, за да се заштити менталното здравје. Појаснува, жртви не се само оние со физички повреди, туку и сведоците на  сликите коишто секојдневно ги гледаат.

„Во овие тимови треба да се ангажирани хирурзи, трауматолози, интернисти, педијатри, но со нив и нашата психолошко психијатриска служба, затоа што психичките трауми не се помалку тешки од физичките. За жал бројките говорат дека е голем бројот на жртвите, секако дека бројот на повредени е многу поголем, а на психотрауматизираните можеби десеткратно поголем од бројот на оние кои физички се повредени“, рече Дудучки.

Невропсихијатарот апелира до здравствените власти тимовите што поскоро да се формираат, вели задоцнетата интервенција го нема истиот ефект.

„Имам голем број пациенти со посттрауматско стресно растројство, кои учествувале во боиштата во Авганистан, Ирак и бидејќи таму не постоела ваква служба, голем е бројот на тие пациенти кои страдаат од тоа, а за жал во Куманово имаме и три случаи на самоубиства на пациентите кои страдаат од посттрауматско стресно растројство“, дополнува невропсихијатарот.

Тој потенцира дека помош по враќање треба да добијат и лицата од нашите спасувачки екипи, кои заминаа веќе во Турција, бидејќи како што вели сцените и сликите, остануваат долго во свеста.

На повикот на Министерството, за само еден ден се пријавиле над 300 лица, од различни здравствени профили.

 

Елена Георгиева