Учениците вратени од Турција во добра здравствена состојба, пречекани со многу емоции
Се вратија дома осумте ученици и нивниот ментор кои на студиско патување беа затекнати во загрозените подрачја погодени од земјотресот во Турција. Сите се во добра здравствена состојба. Пречек со многу емоции, прегратки, и солзи-радосници, но и многу трауми. За доживеаното раскажуваат и децата, но и нивите семејства кои со страв и нетрпение ги очекуваат да се вратат во земјава...

17 годишниот ученик Шкмбр Беџети од Тетово е еден од македонските ученици кои за време на катастрофалниот земјотрес бил во Кахраманмараш преку програмата „Еразмус плус“ Детето сè уште е под голем стрес и паника раскажува неговиот татко Ајет. Тој е во добра физичка здравствена состојба, со мали повреди на главата, но психички не се чувствува добро. Катастрофалниот земјотрес кој го преживеа не му излегува од глава,вели Ајет.
Кога се случил земјотресот Ајет не спиел, оти неговиот помал син имал температура. Тој бил вклучен на социјалните мрежи, кои за неколку минути биле преплавени со вести за катастрофата.
Градоначалникот на Тетово Билал Касами, кој денеска од градскиот плоштад ги повика тетовци да донираат помош за Турција, вели дека е во контакт со родителите на учениците.
Од Министерството за надворешни работи велат дека немаат информации за други наши државјани кои се наоѓаат во ризичните подрачја во Турција, или на кои им е потребна асистенција. Нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба, додаваат од министерството.
Зоран Димовски
