Македонски војници и пожарникари пребаруваат под урнатините во Турција
Македонскиот Баталјон специјални сили за спасување во Турција веќе се приклучи во хуманитарната операција во погодените подрачја од земјотресот. И армискиот тим од 25 припадници е ангажиран во извлекување на преживеани под урнатините. Најавени се и над стотина медицински работници. Владата испраќа и хуманитарна помош. Граѓаните донираат средства за помош на настраданите...

Дополнителен армиски тим од 36 припадници на Баталјонот за специјални сили обучени за спасување и пребарување во урнатините замина во Турција.
Ќе се приклучат во хуманитарната операција во областите најмногу погодени од катастрофалните земјотреси. Таму веќе има македонски армиски тим од 24 припадници ангажирани во пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на преживеаните.
„Моментално се наоѓаме во Караманмараш каде што неуморно работиме за пронаоѓање луѓе под урнатините. Даваме максимум со надеж дека ќе успееме да спасиме и извлечеме живи луѓе. Остануваме тука сè додека е потребно и продолжуваме професионално да ги извршуваме задачите со цел и надеж дека ќе спасиме што повеќе луѓе и ќе ја покажеме нашата солидарност кон Република Турција“, рече одговорното лице на тимот на македонската војска.
Во загрозената област со последиците од катастрофата се справуваат и македонските пожарникари.
Изминативе денови кон Турција се упатија и 40 лица од дирекцијата за заштита и спасување. Доколку е потребно, на располагање се повеќе од 150 здравствени работници, а обезбедени се лекови. Владата испраќа хуманитарна помош од 10 илјади ќебиња и 200 санитетски возила. Владата издвои шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Исто толку и Град Скопје.
Андријана Ѓурческа
