Фудбал

Три екипи останаа во трката

04.05.2014 19:10

Работнички, Хоризонт и Металург остануваат дел од завршната шампионска претстава. Вардар и Пелистер го загубија здивот, во улога на „епизодисти“ ќе се надеваат на чудо за излез во Европа.

31-то коло од фудбалското првенство на Македонија стана „чистилиштето“ откако долго време петте состави со голема рамноправност беа на патеката на успехот. Работнички прв почна да финишира. Најнапред во претходното коло зад себе го остави Пелистер, а денеска супериорноста ја потврди и против Вардар. Уверливо го доби соседското дерби против Вардар со 3:1, елиминирајаќи ги „црвено-црните“ од бескомпромисната трка. Борче Маневски со два гола во првото полувреме во 37-та и 45-та минута беше клучниот човек на дербито. Вардар во погодокот на Петров во 70-та минута го виде спасоносниот зрак, но Тодоровски во 82 –та минута стави крај на надежите на „вардарците“. И на „Кукуш“ во Турново се спротиставија два мотивирани состави. Хоризонт го совлада Пелистер со 1:0. Слободниот удар на Пандев беше победничката нијанса, која Турново го остава во трката. Металург одново се крена, во Штип извојува победа над Брегалница со 1:0 и и натаму има право да го сонува шампионскиот сон. Шкендија со разурнувачка сила ја збриша Ренова со 5:0. Еуромилк очекувано го совлада Напредок со 4:1  фаќајќи се за сламката спас.Во дуелот на „отпишаните“ Македонија ЃП со 2:1 го победи Гостивар.

31-коло:резултати:

Брегалница-Металург         0:1

Еуромилк-Напредок            4:1

Македонија ЃП-Гостивар    2:1

Работнички-Вардар              3:1

Шкендија_Ренова                 5:0

Хоризонт-Пелистер              1:0

 

Табела:

1,Работнички             59

2.Хоризонт                  57

3.Металург                  56

4.Вардар                      52

5.Шкендија                 51

6.Пелистер                  51

7.Брегалница              42

8.Ренова                      40

9.Еуромилк                 38

10.Македонија ЃП      32

11.Напредок                14

12.Гостивар                 14