Земјоделство

Мали ниви-мали производители

10.02.2023 08:00

Многу земјоделски стопанства во Македонија се со мали површини за обработка. Ова е проблем за производството и профитабилноста на македонскиот аграр. Откупувачите и трговците се повеќе заинтересирани да се пазарат и да купуваат големи количества на храна и земјоделски производи кои земјоделците не можат секогаш да ги понудат...

Македонија има голем број земјоделци кои обработуваат мали површини. Расцепканоста на парцелите е проблем за поголемо производство и за намалување на трошоците. Ситните производители мораат самите да се организираат и да работат со однапред договорено производство, советуваат експертите.

Обработливите површини се во просек од 1.4 хектари, често расцепкани, оддалечени од патната инфраструктура и со големи трошоци.

Преработувачите, наместо од индивидуалните повеќе купуваат од поголемите производители, а недоверба меѓу фармерите и конзервната индустрија, го намалува договореното производство и ги прави ниски откупните цени. Искуството покажува дека здружувањето во задругите е решение кое дава реални ефекти а земјоделците ги прави поголеми играчи на пазарот.

Државата неколку години го помага овој процес и тоа со субвенции за 100 процентно покривање на трошоците за првата година со намалување за 20 отсто, секоја наредна за пет години од основањето и работењето на задругите. Финансиската поддршка е наменета за покривање на нивните основни, административни и технички трошоци и бруто платата на менаџерот.

 

Методија Трајков