Турција- Сирија

Над 21.000 загинати во Турција и Сирија

10.02.2023 13:20

Се зголемува бројот на жртви од разорните земјотреси во Турција и во Сирија. Бројката на загинати надмина 21 илјада. Се помалку надеж за уште преживеани по 4 дена под урнатините. Лошото време и ризикот од нови афтершокови ја отежнуваат спасувачката мисија. Помош стигнува од сите страни на светот. Илјадници семејства останаа без кров над главата и основни услови за живот...

Повеќе од 21.000 загинати во разорниот земјотрес што ги погоди јужна Турција и Сирија. Спасувачите од 65 земји петти ден трагаат по преживеани.

Сирискиот претседател Асад ја посети универзитетската болница во Алепо пет дена по смртоносниот земјотрес. Според последните податоци, во Сирија животот го загубиле над 3.000 луѓе, а бројот на повредени надмина 8.000.

Десетгодишно девојче во провинцијата Хатај е извлечено од под урнатините, 90 часа по земјотресот, а двегодишно момче е спасено во Антакија 79 часа по земјотресот.

„Изгубив секаква надеж. Момците дојдоа во 04:00 часот, ги слушаа урнатините и рекоа дека има некој жив“, изјави татко на пронајдено дете.

„Тоа е неверојатен момент. Работиме без прекин веќе три дена, тука сме. Најдовме отвор. За момент помислив дека гласовите на преживеаните доаѓаат од мојот ум“, рече еден од спасителите.

Кина обезбеди итна хуманитарна помош за областите погодени од земјотресот.

„По пристигнувањето во Турција, кинескиот спасувачки тим веднаш се упатил кон тешко погодениот град Антакија, град во провинцијата Хатај. Ноќта Владата на специјалниот административен регион на Хонгконг исто така, испрати тим за пребарување и спасување од околу 59 луѓе“, изјави Мао Нинг, портпаролка на МНР на Кина.

Бројот на загинати може дополнително да расте. Спасувачите се во трка со времето, но со секој час се намалуваат шансите да се најдат преживеани. Во Турција се урнати околу 6.500 згради, а многу се оштетени во зоната на земјотресот, која погодува околу 13 милиони луѓе.

СЗО стравува од голема здравствена криза, особено поради ширењето на колерата во Сирија. Стотици илјади луѓе останаа без покрив над главата среде зима.

Сириската опозиција го блокираше конвојот со помош испратен од курдската самоуправна администрација.

„Чекаме на портата Ум Ал-џулуд, придружувајќи го конвојот со хуманитарна помош што го обезбеди курдската самоуправна администрација“, изјави Садик Амин од Одделот за управување со гориво во курдската администрација во североисточна Сирија.

Земјотресот е седма најсмртоносна природна катастрофа на векот, по цунамито во Јапонија во 2011 година и земјотресот во Иран во кој загинаа 31000 луѓе.

 

Марина Ристова