Конкурси

Избрани проектите што ќе бидат поддржани годинава од Министерството за култура

10.02.2023 13:23

Аплицирањето за годишните конкурси за финансирање проекти, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците...

Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра, информираа на денешната прес-конференција, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Аплицирањето за годишните конкурси за финансирање проекти, како што посочи министерката, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците. Во електронскиот систем се евидентирани 3.355 релевантни пријави, поради нецелосна документација во согласност со општите услови од конкурсот административно се отфрлени 332 пријави, додаде министерката.
Како што информираше, резултатите од конкурсите веднаш ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

„Комисиите кои одлучуваа во врска со пријавите по дејности, останаа доследни на принципите – квалитет на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Со целосно аплицирање на електронски начин, како што додаде, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите. Оваа година е избегната практиката констатирана претходно, проекти со нецелосна документација да бидат предмет на разгледување од страна на комисиите.