Политика

Алијанса за албанците влегува во Влада

10.02.2023 14:13

Алијанса за албанците ќе биде дел од Владата. Новата владина коалиција официјално треба да ја потврдат Ковачевски и Таравари. Од двете партии не соопштуваат кога ќе се сретнат двајцата политичари...

Алијанса за Албанците го најави влезот во Владата, но се чека лидерската средба Ковачевски – Таравари за да се заокружат деталите. Од двете партии не соопштуваат кога ќе се сретнат двајцата политичари. Од седиштето на Бихаќка засега воздржани и без детали за договореното. Велат оти централниот одбор на партијата го овластил Ковачевски да ги продолжи преговорите со Таравари. Не лицитираат со имиња и министерски позиции, но потврдуваат дека СДСМ го задржува бројот на министри како и досега.

Преку проширување на парламентарното мнозинство, следува кадровско освежување кое ќе внесе нова енергија во реализацијата на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ, а истовремено се отвора можност за соработка на локално ниво во општините и советите за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

Со ова се затвора прашањето за предвремените избори, изборите ќе се одржат според планираното во 2024 година, што е добро за стабилноста, за инвеститорите и за економијата, велат во СДСМ

Од Алијанса за Албанците не се толку дискретни околу договореното. Лидерот Таравари во изјава за медиумите по завршување на состанокот на централното претседателство информира дека неговата партија во Владата ќе влезе со две министерски места – за правда и за здравство, додека останува дополнително да се утврди дали ќе им припадне ресорот информатичко општество и администрација или ќе ја добијат вицепремиерската функција за економски прашања.

 

 

 

Анита Димитријевска Велковска