УПОЗ

Поголема вклученост на младите во Синдикатот

10.02.2023 14:23

Се помалку млади се вклучени во работничкото организирање. За ваква состојба има многу причини, но една од нив е дека младите не ги препознаваат синдикатите како организации од интерес...

Просечната возраст на членовите во синдикатите меѓу 45 и 50 години. Се помалку млади се вклучени во работничкото организирање. За ова има многу причини, но една од нив е дека младите не ги препознаваат синдикатите како организации од интерес, ниту пак како организации кои пружаат заштита на нивните права од работниот однос.

„Од друга страна, синдикатите иако знаат дека без младите не може да опстанат, се помалку ги вклучуваат младите во органите тела на синдикатите, токму таму каде што се носат одлуките. Токму тоа сакаме да го смениме“, изјави Трпе Дејановски – претседател на УПОЗ.

Младите ќе се анимираат со меѓународен проект за поголема активност. Од УПОЗ велат,  дека ќе има и обуки за идните млади синдикални лидери. Со ваков проблем се соочуваат голем дел од Синдикатите во Европа.

„Голем број истражувања, покажуваат дека во светот на младите важни се и условите за работа. Многу од нив би одбрале пониска плата ако би знаеле дека во работното опкружување ќе се чувствуваат сигурно, дека нивните права ќе се почитуваат и дека ќе можат да напредуваат. Тоа е она што преку овој проект можеме да го направиме“, изјави Александра Књежевиќ – програмска директорка на развојниот центар за млади од Белград.

Од организацијата најавија и кампања под мотото „Синдикатите се ин, вклучи се, ангажирај се и дејствувај“.

 

Андријана Ѓурческа