Не стивнуваат руските напади во Украина, нападната критична инфаструктура
Руските сили во текот на ноќта ја гаѓале критичната инфраструктура во неколку делови на Украина. Сирените за воздушни напади се огласиле во целата земја. Украинските власти соопштија дека 35 проектили од типот С-300 се лансирани во Харков и Запорожје. Поради нападите, намерно била исклучена електричната енергија...

Не стивнуваат руските напади врз украинските позиции. Ракети С-300 биле лансирани во регионите Харков и Запорожје. Според украинската војска, Москва ги насочи бомбардирањата врз индустрискиот исток, особено провинциите Луганск и Доњецк. Сирените за воздушните напади се огласија низ целата земја.
„Ако сум дома, излегуваме во ходникот и гледаме каде летаат ракетите. Само што стапив во контакт со моето семејство, ракета поминала во нивна близина“, вели Богдан, жител на Киев.
„Работиме во метрото. Имаме важна работа, таа не може да се прекине“ рече Олга, жителка на Киев.
„Слушнав како лета проектил, потоа имаше експлозија, по 30 секунди беа скршени сите прозорци“, додаде Олександер, жител на Киев.
Украинската армија тврди дека руските ракети „Калибер“ биле лансирани од бродови лоцирани во Црното Море и прелетале низ воздушниот простор на Молдавија и на Романија. Кремљ одбива да ги коментира ваквите наводи.
„Тоа е директно поврзано со специјалната воена операција. За тоа е задолжено Министерството за одбрана“, изјави Димитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Бранот напади следи по посетата на Зеленски на Европа, каде што побара од сојузниците да и достават на Украина ракети со долг дострел и борбени авиони. Лидерите на ЕУ ветија дека ќе направат сè што е потребно за поддршка на Киев, но нема одговор за ловците.
„Во никој случај не може да се испорачаат борбени авиони во следните неколку недели бидејќи има доцнења за обука, испорака и инструкции за авиони кои не им се познати на украинските пилоти“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Ќе ја поддржуваме Украина во одбраната на нејзината независност и интегритет онолку долго колку што е потребно“, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц.
Руското Министерство за одбрана објави снимка од поморските вежби во Атлантикот на фрегатата Адмирал Горшков, која е вооружена со противбродски хиперсонични крстосувачки ракети. Екипажот извршил артилериско гранатирање на морска цел, како дел од подготовката за заедничките поморски вежби со Воената морнарица на Јужна Африка и со Кина најавени за крајот на месецов.
Маријана Димовска
