Маркез со „четири од четири“
Актуелниот светски мотоциклистички шампион, Шпанецот Марк Маркез од тимот на Хонда, го продолжи победничкиот старт во Мото ГП класата во новата сезона, триумфирајќи и на домашното Гранд При, на пистата во Херез.

Во јубилејниот стоти Гранд При настап во кариерата, тој стана првиот натпреварувач којшто го повтори подвигот на славниот Австралиец Мик Дуан пред 22 години, радувајќи се на првите четири трки во најсилната класа.
Над петнаесет илјади гледачи го прославија неговиот успех, којшто го најави уште кога стекна голема предност од четири секунди во однос на конкурентите во 12.круг. Се потоа беше негова рутинирана изведба.
„Ова ми е посебна победа, бидејќи досега никогаш не сум триумфирал овде“, изјави Шпанецот, откако низ целната линија мина пред Италијанецот Валентино Роси на Јамаха и вториот Шпанец, Дани Педроса на Хонда. Без место на пиедесталот остана вториот член на Јамаха, Шпанецот Хорхе Лоренцо.
По четири трки сезонава, Маркез има максимални 100 бода и убедливо води пред Педроса со 72 и Роси со 61 бод.
Во Мото2 класата на трката во Херез победи Финецот Мика Калио, пред Швајцарецот Доминик Егертер и Германецот Јонас Фолгер, додека во Мото3 класата најбрз беше Италијанецот Романо Фенати,пред Шпанците Ефрен Вазкез и Алекс Ринс.
