Македонија

Макрон до Пендаровски: Може да сметате на моја целосна поддршка на патот кон ЕУ

10.02.2023 14:57

Францускиот претседател Макрон со поддршка на патот кон ЕУ, во писмото вели дека во ЕУ се почитуваат македонскиот јазик и идентитет...

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, испрати писмо до македонскиот претседател Стево Пендаровски. Францускиот шеф на државата изразува честитки до македонскиот претседател за напредокот постигнат измината година.

„Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот ФРОНТЕКС со Европската унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет“, пишува Макрон.

Во писмото Макрон потсетува на воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји па се до денес.

„Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охридскиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија, посочува Макрон. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори, посочува францускиот претседател. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда“ – му напиша францускиот шеф на државата на својот македонски колега.