Екологија

Нема пречистителни станици во тетовско

11.02.2023 10:28

Канализациските и индустриските води од тетовско директно завршуваат во реките. Пречистителната станица за отпадни води која се најавува една деценија никако да започне да се гради. Еколошките организации со реакции до властите за негрижата за животната средина. Надлежните пак повторно во ветување дека оваа година ќе се започне со градба на станицата...

Ова се само дел од цевките преку кои фекалиите завршуваат во река Пена. Иста е состојбата и во Вардар. Во тетовско не се пречистуваат ниту отпадните, ниту индустриските води.

Од Еко герила, велат дека животната средина никогаш не била приоритет на властите.

Од додека реките се загадуваат со фекалии, филтер станицата за отпадни води во тетовско која се најавува една деценија, никако да започне да се гради.

Надлежните велат дека се доцни со изградбата поради процесот на експропријација на земјиште. Допрва треба да се доградуваат и канализациски мрежи во делови од Тетово и неколкуте села затоа што имаат септички јами.

Станицата е проектирана за 95 илјади жители, но истата нуди можност за нејзино проширување и зголемување.

Локацијата каде треба да се гради станицата за отпадни води со пари од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра е во близина на тетовско Фалише.

 

 

Зоран Димовски