Зголемен број на запалени оџаци во Куманово
Поскапувањето на енергенсите ги натера граѓаните да ги вратат печките на дрва. Но со тоа се вратија и пожарите на оџаците. Надлежните апелираат навреме да се чистат оџаците, за да се заштитат од несаканите последици.

Три пожари на оџаци за само еден ден во Куманово. Од територијалната противпожарна единица потврдуваат дека периодов е зголемен бројот на интервенции на индивидуални куќи како и станбени единици. Укажуваат дека причините најчесто се човечки фактор, односно ненавремено чистење на оџаците. Од вкупно 33 регистрирани пожари од почетокот на годината, дури 11 се интервенции на оџаци.
„Минимум еднаш годишно барем пред почетокот на грејната сезона, би требало да се чистат оџаците, со тоа би се намалила во голема мерка опасноста од палење на оџакот, меѓутоа тоа е ние сме подготвени 24 часа, да интервенираме и да помогнеме каде што треба. Ние како град немаме оџачарска служба. Да се изорганизираат сами, како знаат да се снаоѓаат, бидејќи чистиот оџак спречува многу непријатни случувања“, вели Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.
Поскапувањето на енергенсите ги натера граѓаните да ги вратат печките на дрва. Но укажувањата се да се заштитат од несаканите последици. Во Куманово е мал бројот на оџачари. Повеќето од нив воопшто немаат регистрирано фирми. Ниту во Занетчиската комора нема пријавено занаетчија, оџачар.
Од противпожарната единица апелираат и граѓаните кога не се во домовите, да ги исклучуваат грејните тела коишто се на електрична енергија, за да спречат несакани последици.
Елена Георгиевска
