САД собори неидентификувано летало, Пентагон објави детали
Американската војска пресретна и урна летечки објект над Алјаска. Во тек е истрага за целта на мисијата на засега неидентификуваното беспилотно летало. Ова е втор ваков инцидент. Во воздушниот простор на САД беше соборен и кинески балон, кој според Вашингтон бил шпионски, а според Кина -цивилен...

Пентагон собори летечки објект со димензии на мал автомобил над населено место во северна Алјаска. Леталото кое се движело на височина од околу 12 илјади метри било пресретнато од борбени авиони, а откако пилотите процениле дека нема екипаж, го известиле претседателот Бајден, па била донесена одлука за соборување. Екипите собираат докази за целта, опремата и намената на мисијата.
„Не знаеме во чија сопственост е. Очекуваме да ги земеме остатоците зашто падна во наш простор и врз замрзната вода. Процесот ќе биде полесен и, се надевам, успешен. Патеката на движење се одвивала над чувствителни воени позиции“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Ова е втор ваков инцидент во последнава недела. Пред неколку дена САД соборија кинески балон над нивните територијални води кај Јужна Каролина. Вашингтон го обвини Пекинг за шпионажа, а Кина го оправда летот како цивилен и се закани со реперкусии доколку биде направен потег од САД. По минатонеделниот инцидент се појавија нови детали околу таканаречената „светска набљудувачка операција“ на кинеската војска позната како Народноослободителна армија. САД регистрирале движење на вакви балони во 40 земји на пет континенти.
„Дознавме многу за кинеската програма со набљудувачки балони. Во последните години собравме многу информации, па врз основа на тие податоци, успеавме да го детектираме уште во рана фаза додека се движеше кон американскиот воздушен простор“, изјави Генерал Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Администрацијата на Бајден веќе додаде шест кинески компании на црната листа поврзани со воената програма за набљудување. Ним ќе им биде ограничено да добиваат артикли и технологии од САД без одобрение од американската Влада.
Маја С. Филдишев
