Влада

Собранието го прими предлогот за реконструкција на Владата, треба да закаже седница

11.02.2023 13:06

Кренар Лога, Фатмир Меџити и Азир Алиу од Алијанса за Албанците и Каја Шукова од СДСМ предложени за нови министри. Премиерот Ковачевски го достави до Собранието предлог за реконструкција на Владата за четворица министри и пет заменици. Нови кадровски решенија има за министерствата за правда, за здравство, за информатичко општество и администрација и за животна средина и просторно планирање. Измените во владиниот состав се прават за неспособната Влада да се одржи во вештачка кома – коментираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ...

Алијансата за албанците станува дел од Владата. Премиерот Ковачевски го објави предлогот за реконструкција на кабинетот и новите кадровски решенија, кои се веќе доставени и промени во Собранието. Партијата на Таравари добива три министерски места, од кои две коишто досега и припаѓаа на Алтернатива и едно од СДСМ. За министер за правда, на местото на актуелниот министер Никола Тупанчески треба да дојде Кренар Лога, во фотељата во здравство во столчето на Беким Сали од Алтернатива седнува Фатмир Меџити, а во Министерството за информатичко општество и администрација, каде исто така министеруваше кадар на Гаши, сега е предложен е Азир Алиу од Алијанса. СДСМ, на сметката на правда го добива Министерството за животна средина. Актуелната државна секретарка Каја Шукова треба да дојде на местото на Насер Нуредини во овој ресор. Нови заменици министри се предложени во одбрана, правда, земјоделство, здравство и образование. Од петте, двајца се од партијата на Таравари.

Можеме да објавиме дека чекорот за поголемо парламентарно мнозинство за реформи, економски политики и интеграција во ЕУ и официјално влезе во собраниска процедура. Со вклучување на Алијанса како нов коалициски партнер во Владата се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите – велат социјалдемократите.

Измените во владиниот состав се прават за неспособната Влада да се одржи во вештачка кома – коментираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од Собранието информираат дека предлогот за реконструкција на Владата е примен во Законодавниот дом. Оние министри кои излегуваат од Владата, своите оставки треба да ги депонираат кај премиерот, по што тој ги доставува до Собранието.

 

 

Миле Ристески