Здравство

Апаратите за дијагностика сè уште се инсталираат

11.02.2023 13:18

Пациентите треба да чекаат и по три месеци за специјалистички преглед. Матичните велат ова е најголем проблем во здравството. Надлежните уверуваа дека ќе се надмине проблемот, но апаратите сè уште се инсталираат...

Наредните 3 месеци за мамографија нема слободен термин во Битола, Гевгелија, Радовиш, Кочани, Велес, покажува системот „Мој термин“. За магнетна резонанца за прв термин треба да се чека 90 дена во Прилеп Охрид и Штип, на оние на кои прегледот им е ургентен ќе треба да патуваат до Скопје. За колоноскопија прв слободен термин е во Гостивар. Надлежните најавија дека проблемот за закажување преглед на секундарно ниво ќе биде минато од јануари, бидејќи ќе има нови апарати кои ќе се постават во болниците низ земјава и за секој преглед нема да мора да патуваат во Скопје. Но, сега сме на половината од февруари, а матичните мака мачат на пациентите да им закажат преглед кај специјалист.

Од Министерство за здравство велат дека апаратите за дијагностика обезбедени со поддршка од Светска банка се во тек на инсталација. Дел од нив се веќе инсталирани како на пример шесте нови ехо-апарати, два подвижни рендген апарати и мамограф во болницата во Тетово. Станува збор за апарати наменети за 14 јавни здравствени установи низ државата – Куманово, Тетово, Струмица, Битола, Струга, Штип, Охрид, Дебар, ГОБ „8 Септември“, хируршка клиника „Св. Наум Охридски“ и Универзитетски клиники во Скопје.

Чолакова – Дервишова потсетува – матичните лекари треба да ги лекуваат пациентите, а не да ги демнат специјалистите.

Чолакова-Дервишова смета дека ваква е состојбата не е само поради недостиг на апарати, туку и поради тоа што долги години лошо се менаџира со кадарот, кој од јавното заминува во приватно здравство или надвор од државата.

 

 

Наташа Јанчиќ Менковски