Реакции за владиното рекомпонирање
По потегот на Ковачевски, партиите се репозиционираат. Алтернатива утре ќе пресече како понатаму, Алијанса ги претстави петте приоритети за кои ќе се залага, од кои прв е борбата против корупцијата. Партијата на Трајанов предупреди – не поддржуваме нов партнер доколку се заканува за дестабилизација и реорганизација на државата...

По влезот на Алијанса во Владата и објавување на предлогот на премиерот Ковачевски за новите министри и заменици, Алтернатива пред одлука дали ќе остане или ќе замине од Илинденска број 2. Партијата в недела ќе го соопшти конечниот став.
Новиот партнер во Владата, пак, Алијансата за Албанците претстави Декларацијата за владините определби, договорена како што велат, меѓу Таравари и Ковачевски. Во неа има пет приоритети – владеење на правото и борба против корупција и донесување на Закон за ветинг, базиран на европските искуства. Држава за сите со правна застапеност. Рамноправен економски и територијален развој, развојна држава и зелена енергија, како и стратегија за здрава популација, којашто се однесува на реформи на здравствениот систем.
„Приклучувањето на Алијанса за Албанците во Владата се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството, во време кога Северна Македонија се соочува со голем број кризи коишто ја одредуваат прозападната ориентација на земјата. Алијанса за Албанците ја презема одговорноста како државотворна партија“, велат од партијата.
Но, рекомпонирањето на Владата ги размрда и помалите коалициски партнери. Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов му пишал писмо на премиерот Ковачевски и побара претходен договор за програмските приоритети кои досега биле усогласувани, но според Трајанов, не биле реализирани.
„Не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени“, велат од Демократскиот сојуз.
Во писмото ДС бара од премиерот да се донесе изборен законик за една изборна единица, неселективна борба против криминалот, реформи во судскиот систем, како и почитување на принципот за правична застапеност на сите етнички заедници.
Игор Панов
