Земјотреси

Бројот на жртви расте, се бараат преживеани

11.02.2023 13:05

Над 24 илјади загинати, повеќе од десетина илјади повредени во разорниот земјотрес во Турција и Сирија. Спасувачките екипи остануваат на терен во потрага по преживеани. Спасен 16 годишниот Камил, кој поминал 119 часови под урнатините. Обединетите нации ќе одвојат уште 25 милиони долари за Сирија. Ќе бидат потребни години за обнова на погодените региони...

Потрага низ купиштата бетон и железо да се стигне до преживеан, да се слушне повик за помош.

„Ако го слушаш мојот гласат, тропни двапати“.

„Тропнаа двапати“.

„Доаѓаме по вас“.

Спасувачките тимови не губат надеж дека ќе пронајдат уште еден човек, дека ќе успеат барам малку да го намалат страотниот биланс од катастрофалниот земјотрес од 7,8 степени по Рихтер што ги погоди Турција и Сирија во понеделникот.

И, ете, го младиот Камил Кан Агдаш. 16-годишникот е жив, и покрај тоа што помина 119 часови под урнатините на она што некогаш беше негов дом во Караманмараш. Момент на радост меѓу неговите роднини, кои до последен момент веруваа дека Камил ќе издржи и ќе успее да ја добие оваа битка.

„Го извлекоа, брате. Го извлекоа. Тој е овде“.

Извици на очај, но, и аплауз кога некој ќе биде спасен.

„Господ е голем, господ е голем“.

Но, за многумина е веќе предоцна. Времето немилосрдно истекува, и се повеќе луѓе кои се извлекуваат од урнатините се веќе мртви.

Сега е борба да им се помогне да оние кои извлекоа жива глава, а кои за момент останаа без сè што создавале во текот на живот. Хуманитарна помош пристигнува, но не до сите. Критично е за Сиријците, кои и пред земјотресот беа во незавидна позиција поради војната којашто беснее со години. Дел од нив до понеделникот, засолниште од оружјето и бомбите најдоа во Антакија, но по катастрофалниот земјотрес, сè се промени.

„Искуството од сириските градови се влече со години. Бомби и уништување кое го носи војната. Алепо со години се уништува. А, тука, во Антакија, каде што имаше бегалци, сè беше уништено за 3 минути. Животот престана. Нема струја, вода, нема инфраструктура, ниту место каде може да се живее“, изјави Ахмед Абу Ел-Шар, основач на хуманитарна организација.

„Секој ден е инцидент за нас – бомбардирања, ракетирања, воздушни удари, но ова е малку споредено со она што се случи. Никогаш не го очекуваме ова“, изјави Мохамед Алоло, преживеан во земјотресот.

Обединетите нации одлучија да одвојат уште 25 милиони долари за Сирија. Во страотниот земјотрес и во последователната серија потреси загинаа илјадници луѓе, огромен број се повредени, а милиони станаа бездомници. Ќе бидат потребни години за обнова на погодените региони.

 

Мартин Пушевски