Агенција за вработување

Слаб интерес за проектот „Втора шанса“ во Струга

12.02.2023 08:58

Слаб интерес за проектот „Втора шанса“ на Агенцијата за вработување во струшко. Со овој пилот-проект им се дава можност на лицата кои од разни причини не завршиле средно образование, да добијат диплома, која не ја стекнале додека биле вклучени во редовното образование...

Слаб интерес за пилот проектот на Агенцијата за вработување наречен „Втора шанса“ во струшко. Станува збор за мерка која се однесува на лицата кои поради разни причини не завршиле средно образование. Им се дава можност да добијат диплома, која не ја стекнале додека биле вклучени во редовното образование.

Со проектот ќе бидат опфатени ранливите категории граѓани, лица до 29 години, Роми, жени, лица со попреченост и долгорочно невработени лица, а основен услов е да имаат завршено втора година од средно образование.

„Агенцијата за вработување со ИПА фондовите им дава втора шанса на лицата за полагање и достручна квалификација со трета и четврта година образование. Значи да го завршат средното образование да се доквалификува лицето“, вели Елведина Дика, директор на Агенција за вработување во Струга.

Во Струга успешно се реализираат мерките за самовработување со грант од 5.000 евра. Интерес има и за активните мерки со субвенции со плати, практикантство и зголемување на вработувањето со кредитирање.

„Зависно од периодот на вработување на лицата имаме субвенции со 228.000 денари, со 97.000 денари финансиска поддршка. Зависно од периодот на вработување. Исто така имаме субвенции со кредитирање“, додава Дика.

Трошоците за образовната програма од проектот „Втора шанса“ кон средните стручни училишта/регионални центри за стручно образование и обука, ќе бидат платени од ИПА проекто- „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската унија.

 

 

Соња Рилковска