Уште се чека санација на кровот на училиштата во Куманово
И во второто полугодие од учебната година не започна санацијата на кровот на двете основни училишта во Куманово. Дел од учениците уште од септември се дислоцирани во гимназијата, останатите се во објектите. Родителите реагираат, министерот уверува дека се работи на решавање. Градоначалникот пак вели ако тие не можат, општината ќе интервенира...

Сè уште трае тендерската постапка за санација на покривот на двете кумановски основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, кои делат заеднички објект. Надлежните се надеваат дека проблемот со прокиснување, кој датира неколку години, ќе се надмине наредната учебна година. Дел од учениците уште од септември следат настава во гимназијата „Гоце Делчев“, но дел се и во просториите, иако родителите веќе реагираат на небезбедни услови. Министерот Шаќири вели административните процедури треба да се запазат.
„По обезбедувањето на тие средства, веднаш почнавме со постапка, за јавни набавки, за економски оператор. Таа постапка за економскиот оператор е завршена, остануваа постапките во комисијата во МОН, којашто треба да продолжи со веќе доставените понуди на документацијата, а по разгледување, остануваат она што е предвидено со законот, процес на жалби“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Првиот човек на Куманово, Димитриевски потенцира доколку Министерството и Владата не можат да го решат проблемот, општината ќе интервенира.
„Се повикуваат на административни постапки, мислам дека е коректно да не информираат ако немаат можност тие тоа да го сторат со брз ребаланс на буџетот да издвоиме средства и да најдеме начин и решение“, нагласи градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Владата лани донесе одлука за санирање на кровот, како и за изградба на нов училиштен објект за учениците од „Сами Фрашери“.
Елена Георгиевска
