Благоевград

Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе го обжали одбивањето регистрација на истоименото здружение

12.02.2023 12:39

По одлуката за одбивање на барањето за регистрација на клубот „Никола Вапцаров“, од Здружението најавуваат жалба и надеж дека ќе добијат соодветно решение. Сметаат дека грубо е нарушен Законот и дека решението е политичко...

Одбиено е барањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ испратено до Агенцијата за регистрација во Благоевград.

На 10-ти февруари добивме решение за одбивање на регистрацијата што значи дека на нашето Здружение му е ускратена легитимноста, велат од Здружението.

Според Атанас Мазнев следниот чекор е обжалување на ова решение.

„Ние немаме друга алтернатива освен да го обжалиме решението зошто тоа би требало да биде решение по закон, а тоа е политички. Ние имаме единствено можност да го обжалиме тоа решение и се надеваме да добиеме правилно решение“, вели Атанас Мазнев.

Мазнев вели дека во решението грубо е нарушен бугарскиот закон и дека решението е политичко.

„Во Бугарија законот не е толку лош во однос на нас, лош е односот на властите кој не се поклопува со законот, а во многу случаи гледаат политички на работите“, додаде Мазнев.

Македонскиот културен клуб во Благоевград беше отворен во октомври со цел да овозможи културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права вклучувајќи ги и правата на малцинствата.

По инцидентот во којшто беше искршен излогот на клубот и тоа од општински службеници, клубот од следнава недела треба да продолжи со работа.

 

 

 

Тања Сарандевска