Турција

Стотина лица уапсени во Турција поради грабежи или измами по земјотресот

12.02.2023 12:57

Апсења поради кражби во турските подрачја погодени од земјотресот. Бројот на загинати во Турција и во Сирија надмина 28.000. Светската здравствена организација стравува од голема здравствена криза во двете земји...

Апсења поради кражби во турските подрачја погодени од земјотресот. Бројот на загинати таму и во Сирија надмина 28.000. СЗО стравува од голема здравствена криза во двете земји.

Турските безбедносни тимови уапсија стотина луѓе, осомничени за ограбување оштетени згради по силните земјотреси. Во Хатај се приведени и лица кои се претставувале како хуманитарни работници и се обиделе да ограбат камиони со храна наменети за помош. Во истанбулската област Бејкоз е уапсена група од шестмина осомничени за телефонска измама на лице кое го преживеало потресот во јужен Газиантеп. Од слобода се лишени и градежни инженери и лица одговорни за изградбата и квалитетот на објектите кои се урнаа.

„Прогласивме вонредна состојба. Отсега, секој што е вмешан во кражба или киднапирање треба да знае дека го следи цврстата рака на државата“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

„Си ги чуваме домовите, возилата. Не ограбуваат. За жал, немам друг коментар. Очајни сме, вознемирени. Ова е кошмар“.

„Ако некој дојде по пелени, храна и пијалаци, нормално е зашто не сме добиле помош неколку дена. Но некои доаѓаат и земаат кафемати или шпорети“.

Бројот на загинати во Турција и Сирија продолжи да расте. Владата во Анкара добива помош од сите делови од светот. Поради доставата, за прв пат по 35 години е отворен и граничниот премин со Ерменија. Соседна Сирија ја доби првата пратка од ЕУ. Во регионите под контрола на бунтовниците потрагата по преживеани ја предводат т.н. „Бели шлемови“, коишто се револтирани од одложувањето на помошта за Сирија.

„Работиме и дење и ноќе. Ако не им помогнеме ние, нема кој друг. Ни меѓународната заедница, ни соседните земји. Никој нема нас да нè спаси“, рече Јасер Нини, лидер на екипата на „Белите шлемови“.

Светската здравствена организација предупреди и на здравствена криза и ширење на колера. Тлото и натаму не мирува. Десетина земјотреси се регистрирани и во текот на ноќта. Најсилниот бил со јачина од 4,3 степени.

 

 

 

Маја С. Филдишев