Политика

Закажана седница за избор на новите министри

12.02.2023 13:42

Народните избраници на утрешната седница ќе расправаат по предлогот на премиерот за избор на четворица министри и пет заменици. Социјалдемократите со став-поголемото мнозинство ќе обезбеди реформи, економски политики и забрзана ЕУ интеграција. Новите министри и заменици на Ковачевски се „пазар 3“ листа, никаков квалитет, туку пополнување на тенкото мнозинство, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Алтернатива пак денеска ќе одлучи дали останува во владата...

Новата недела треба да ја донесе и новата македонска, реконструирана Влада. На понеделничката попладневна седница ќе се расправа за предлогот на премиерот Ковачевски за избор на четворица министри, тројца од Алијансата за Албанците како нов коалициски партнер и еден од СДСМ во ресорот животна средина. Ковачевски предложи и пет нови заменици-министри. Пред да добијат доволно гласови за избор, пред пратениците ќе бидат одлуките за разрешување на актуелните министри во ресорите правда, здравство, информатичко општество и администрација, животна средина, кои ги раководеа министри од СДСМ, ДУИ, Алтернатива. Според Социјалдемократите, поголемото парламентарно мнозинство ќе обезбеди реформи, но и ќе го бајпасира тенкиот кворум во Собрание.

„Со вклучување на Алијанса како нов коалициски партнер во Владата се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност, унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и зголемена ефикасност на Собранието и институциите. Во време, кога сè уште трае енергетската и економската криза, од големо значење е да се спречат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и да нема заглавени закони во Собрание“, велат од СДСМ.

Крпена коалиција за спас на владата на Ахмети и Ковачевски, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде не очекуваат новиот владин состав да понуди решенија за проблемите со коишто се соочува земјава. Оттаму го повикаа премиерот Ковачевски да ги образложи предлозите, но и да не ги изостанува како што велат, криминалните елементи во биографиите на новите кандидати.

Предлогот на Ковачевски ги размрда и редовите на интегративците. Припадници на таканаречената „Огнена група“ реагираа на одлуката за разрешување на заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, на чиешто место треба да дојде Тирон Јајага, кадар на Алијанса. Од редот на огнените, пратеникот Изет Меџити веќе најави дека нема да гласа за новата Влада.

 

 

Игор Панов