Шеесетина деца хоспитализирани во Козле
Температура, кашлица, респираторни инфекции, болни деца ги полнат амбулантите во Козле. За да бидат здрави родителите купуваат скапи суплементи, надевајќи се дека тоа е лекот. Професорката Ставриќ вели нема магичен лек, децата постепено ќе стекнат имунитет...

Вирусно-бактериски инфекции ги полнат дежурните амбулантите во болницата Козле. Стотина деца доаѓаат за 24 часа. Од хоспитализираните шест деца се на кислородна поддршка.
Висока температура и долно респираторни инфекции се најчестата причина поради која децата се задржуваат на болничко лекување во Козле. Шеесетина деца се тука и најголем број од нив се од предучилишна возраст.
Како да се стимулира имунитетот, дали суплементите што се нудат во аптеките помагаат децата да останат здрави, е најчестото прашање кое си го поставуваат родителите, вели професорката Ставриќ. И науката тоа го истражува, но прецизен одговор нема.
Професорката Ставриќ вели, децата во третата, четврта година го создаваат имунитетот. 6 до7 настинки, инфекции во текот на година има секое дете. Децата што одат во градинка нормално е да имаат 10 до12 инфекции. Во главно се тоа акутни респираторни инфекции кои поминуваат спонтано, ако не се некои тешки пневмонии, воспаление на уши не треба родителите да се вознемируваат и да даваат пари за секакви суплементи, додава Ставриќ.
Наташа Јанчиќ Менковски
