Собан: Членство на Западен Балкан во ЕУ
Тоа што Бугарија и го прави на Македонија е чиста политичка глупост, и е во целосна спротивност со темелите на Европската унија, со демократијата, владеењето на правото, човековите права, вели во интервју за јавниот сервис Бранко Собан, долгогодишен дописник од странство за љубљанско „Дело“. Тој смета дека Брисел треба да стави крај на бугарското противење на македонската евроинтеграција...

Тоа што Бугарија и го прави на Македонија е чиста политичка глупост, и е во целосна спротивност со темелите на Европската унија, со демократијата, владеењето на правото, човековите права, вели во интервју за јавниот сервис Бранко Собан, долгогодишен дописник од странство за љубљанско „Дело“. Тој смета дека Брисел треба да стави крај на бугарското противење на македонската евроинтеграција.
Бранко, која е вашата оценка за тоа што се случува во моментов со проширувањето на Европската унија кон земјите од Западен Балкан?
Мислам дека овде има премногу политика, земјите што произлегоа од поранешна Југославија и Албанија, според мене, требаше да бидат во Европската унија уште пред неколку години. Од самитот во Солун, наскоро ќе се наполнат 20 години, тогаш првпат почнаа да зборуваат за влез на Западен Балкан во Европската унија, но ништо конкретно не се случи во овие две децении.
Мислам дека тука има премногу политика, на пример, кога е во прашање Македонија, прво европскиот пат на Македонија го попречуваше Грција, потоа Бугарија, која самата беше примена во Европската Унија, апсолутно совршено по политичка одлука. Знаеме дека Романија и Бугарија тогаш не ги исполнуваа условите за влез во Европската унија, но тоа беше политичка одлука и двете земји влегоа заедно.
- Дали сте оптимист и кога се надевате дека земјите од Западен Балкан ќе станат членки на Европската унија?
Се залагам земјите од Западен Балкан што побрзо да станат членки на Европската унија, ако не следната година, тогаш во следните неколку години, не би фаворизирал ниту една земја овде, мислам дека сите земји кои се сега кандидатите за влез во Европската унија треба да се обединат од регионот на Западен Балкан за да влезат заедно.
- Зборувавте и Вие за сега, Република Северна Македонија, за условите што и се поставени од Бугарија и сега поточно и од Европската унија за идентитетски прашања, како непочитување на јазикот, како тоа може да се сфати во Европската унија која се поставува како бранител на тие вредности, на различностите; Како тогаш Европската Унија може да и го постави тоа како услов на една земја за да преговара за членство во ЕУ?
Но тоа што Бугарија го прави во односот со Македонија е чиста политичка глупост, бидејќи во основа сè што прави е во целосна спротивност со темелите на Европската унија, со демократијата, владеењето на правото, човековите права. А ова е обид за ревизија на историјата, за редефиниција што е нација. Затоа тука Европската унија треба да стави крај на ова бесмислено бугарско противење на македонскиот пат кон Европската унија и на пријателски и дипломатски начин да ја научи Бугарија што е правилно, а што не е.
Тони Гламчевски
