Гаши соопшти дека Алтернатива оди во опозиција
Откако ги загуби министерските места на сметка на Алијансата за Албанците, којашто станува нов коалициски партнер во Владата, Алтернатива на состанокот во Тетово ја донесе конечната одлука. Централното претседателство на партијата реши да ја напуштаат Владата и да одат во опозиција. Гаши удри по довчерашните партнери – ги обвини дека ја преминале етичката линија...

СДСМ го прекрши политичкиот договор кој го потпишавме како коалициски партнери и на крај истиот го раскина. Сето тоа покажува дека имаме партија која не ги исполнува своите ветувања, која не знае што се европски вредности и, дури ни во етичка смисла, не се достојни за партнерство, изјави Африм Гаши кој најави опозициско дејствување на Алтернатива. Партијата повеќе нема да биде дел од Владата, а во парламентот нашите пратеници ќе дејствуваат согласно нашите програмски определби кои пред сè се европски, дополни Гаши.
„Нашите функционери постигнаа многу, работеа во интерес на сите без да прават поделби на било која основа. Со новите одлуки СДСМ ќе го наруши меѓуетничкиот баланс“, рече Гаши.
Според Гаши се креира перцепција дека СДСМ е заложник на Албанците. Тоа ќе предизвика меѓунационални недобри односи меѓу етникумите.
Премиерот вчера го испрати барањето Собранието да ги разреши сите кадри на Гаши и да ги избере новите кои доаѓаат од редовите на Алијанса. Таравари добива министерски позиции во правда, здравство и информатичко општество и заменици во одбрана и земјоделие.
Собраниската седница за реконструкција на Владата ќе стартува утре,
Зоран Димовски
