Собрание

Во Собранието закажана седница за избор на новите министри

13.02.2023 08:45

Предлогот за реконструкција на Владата е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците во владиното мнозинство...

Во Собранието за денеска е закажана 104. седница на која ќе се одлучува за предлогот за реконструкција на Владата што го испрати премиерот Димитар Ковачевски. Предлогот за реконструкција на Владата е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците во владиното мнозинство.

Како прва точка на дневниот ред на 104. седница е предлогот за разрешување на министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, како и на Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор за дијаспора. Како следна точка е изборот на предложените нови министри, Кренар Лога, за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за министер за животна средина и просторно планирање.

Со реконструкцијата се опфатени замениците министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство.

На 104. собраниска седница, треба да бидат разрешени Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик образование. Ќе се гласа за новите предлози за заменици министри, за одбрана за каде е предложен Тирон Јајага, за земјоделство за Вјолца Бериша, кадри на АА, за правда – Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, како и за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.

Премиерот Димитар Ковачевски очекува конструктивна дебата во Собранието.