Кинотека на Македонија прикажува: Филмови за Првата светска војна
Во следните пет дена, од 18:30 часот до полноќ, граѓаните ќе може да гледаат филмови од 22 кинотеки. Сите го обработуваат периодот на Првата светска војна. Дел од нив првпат се прикажуваат по стотина години и претставуваат неверојатен архивски материјал.

На конгресот кој ќе трае до 10-ти мај се пријавени 200 делегати од целиот свет, од 80 филмски архиви. Предвидено е да има 21 излагање во осум сесии.
Со филмот „Човекот од слама“ на Волфганг Стауте денеска почнува филмската програма по повод 70. Конгрес на Меѓународната асоцијација на филмски архиви (ФИАФ) чиј домаќин е Кинотеката на Македонија.
Вчера, во Музејот на македонската борба,ФИАФ беше официјално отворен. Денеска и утре учесниците на стручен симпозиум ќе дебатираат на тема 100 години од Првата светска војна.
На програмата се и дел од филмските остварувања на Глигор Паковски, добитник на наградата „Златен објектив“ за 2014 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Некои од немите филмови имаат превод на македонски јазик, а ќе бидат проследени со музичка изведба на Јоаким Беренц, Благој и Бојан Маротови.
