Македонска филхармонија со концерт за Денот на вљубените
Концертот е насловен „Севда“, а како солисти ќе настапат Божо Вреќо, босанскиот „принц на севдахот“ како што го нарекува светската критика и српскиот пијанист Васил Хаџиманов, миленик на македонската публика, уметник кој го спојува џезот со традиција на балканското поднебје...

Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените. Концертот е насловен „Севда“, а како солисти ќе настапат Божо Вреќо, босанскиот „принц на севдахот“ како што го нарекува светската критика и српскиот пијанист Васил Хаџиманов, миленик на македонската публика, уметник кој го спојува џезот со традиција на балканското поднебје.
На програмата се љубовни песни од Балканот, испеани од Тома Здравковиќ, Јадранка Стојаковиќ, Нина Спирова, Александар Сариевски, Шабан Бајрамовиќ, аранжирани за симфониски оркестар од Дијана Имери Илкоска, која, воедно ќе застане зад пултот и ќе го води оркестарот на Филхармонија низ ова несекојдневно музичко патување.
Божо Вреќо е босански пејач кој ги „оживеа“ севдалинките и ги однесе во сосема нов правец со специфичноста на својот глас. Во неговиот музички свет чувствата се многу посилни од разумот.
Васил Хаџиманов е џез пијанист, композитор и аранжер од Србија, со македонски корени, роден во Белград на 23 јуни 1973 година. Тој е син на познатите Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ. Истраен, сеприсутен, со бескрајна енергија и музикалност, Васил е алката која го поврзува српскиот џез со крајот на 20 и почетокот на 21 век.
Дијана Имери Илкоска е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност – Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев.
