МВР со предупредување: Внимавајте, лажни електронски пораки се испраќаат во име на МВР
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот...

Во однос на пристигнати пријави од граѓани за добиена електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот.
Притоа, во испратените мејлови, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку Вибер линк. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Од МВР апелираат на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе бидат побарани.
Исто така, од МВР предупредуваат да не се отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-мејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на сопствениот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Воедно, информираат дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.
