Турција и Сирија

Спасувачките екипи речиси се во невозможна мисија

13.02.2023 12:28

Под урнатините и натаму се слушаат гласови, од купиштата камени блокови се извлекуваат жени, деца, а и повозрасни луѓе кои во битката со времето успеале да преживеат. Во Идлиб е организиран протест против меѓународната заедница...

Бројот на загинати во Турција и Сирија драматично и постојано се зголемува една седмица по катастрофалниот земјотрес. Потрагата по преживеани е деноноќна. Спасувачките екипи речиси се во невозможна мисија. Под урнатините и натаму се слушаат гласови, од купиштата камени блокови се извлекуваат жени, деца, а и повозрасни луѓе кои во битката со времето успеале да преживеат.

„Ви благодарам, внатре беа мајка ми и татко ми, брат ми е сè уште таму“.

По обновувањето на пистата на аеродромот „Хатај“, оттаму е изведен првиот евакуациски лет кон Истанбул. Светот продолжува да испраќа екипи и опрема.

„Нашата улога е мала во однос на размерот на катастрофата, но се надевам дека ќе помогнеме“, Инуе Јуничи – предводник на тимот од Јапонија.

„Работиме со цела сила. Вчера спасивме двајца, 70-годишна жена и 40-годишен маж“, Роза-член на спасувачкиот тим од Мексико.

Апокалиптичното сеизмичко поместување, од 7,8 рихтери со земја срамни над шест и пол илјади згради, по што се активираше прашањето за безбедносните стандарди во градежништвото. Веќе се издадени над 100 налози за апсење.

Милиони лица станаа бездомници, а температурите секоја ноќ паѓаат под нулата.

„Ноќе е минус 22 степени. Ќе се обидеме да преживееме до пролет“, изјави жител.

„Спиеме во кал, заедно сме со 3-4 фамилии“, додаде жителка.

„Се плашиме дека ќе се рашират болести. Немаме друг избор. Се случи, тоа што се случи“, рече жител.

Драматично и во Сирија, таму пристигна првата пратка помош од Европската Унија и од Обединетите нации. Но според локалните жители, динамиката и обемот се далеку помали во однос на конвоите за соседна Турција. Во Идлиб е организиран протест против меѓународната заедница.

„Целиот свет ги разочара Сиријците. Ако ова се случеше во Европа или некоја друга земја, светот ќе се обединеше да спаси многу повеќе луѓе, никој не прашува за нас, па и кога не бомбардираа, никој не се грижеше за нас“, рече жител од Сирија.

Земјата и натаму не мирува. Последователните потреси се регистрирани секојдневно.

Маја С.Филдишев