Политика

Демократски сојуз излезе од владината коалиција

13.02.2023 19:56

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кажа дека нема да ја поддржат реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство. Трајанов посочи дека ќе ги поддржуваат само проектите за имплементација на европските стандарди, а со цел влез на Македонија во ЕУ...

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кажа дека нема да ја поддржат реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство. Трајанов посочи дека ќе ги поддржуваат само проектите за имплементација на европските стандарди, а со цел влез на Македонија во ЕУ.

„Претседателството и Централниот совет на Демократскиот сојуз на денешните седници по сеопфатна расправа заклучија дека програмските приоритети на Демократскиот сојуз усогласени со СДСМ пред парламентарните избори во јули 2020 година, како и во декември 2021 година пред формирањето на Владата со актуелниот состав, не се имплементирани. Се работи за коренити промени на изборните правила, преку укинување на системските предности за четири партии (две од власта и две од опозицијата), како и клучната промена Македонија да биде една изборна единица. Потоа, за борбата против корупцијата преку департизација на институциите кои работат на откривање на криминалот и донесување Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, реформа во правосудниот систем преку ревизија на работата на судиите и донесување Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка (преиспитување на монтираните полициско-судски процеси). Меѓу приоритетите се и донесување закон за формирање Фонд за младите од 2% од Буџетот, како и вработување на сите студенти по дипломирањето во јавниот или во приватниот сектор на година дена со просечна плата остварена во претходната година и други.“, рече пратеникот Павле Трајанов.