Силна поддршка од ОБСЕ за напорите за решавање на ситуацијата во Транснистрија
Османи во својство на претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ја истакна важноста на теренските мисии на ОБСЕ и нивното директно влијание на животот на луѓето и изрази благодарност за поддршката која Молдавија ја даде на украинските бегалци...

Претседавачот со ОБСЕ министерот Бујар Османи за време на својата официјална посета на Молдавија оствари средба со молдавскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и европска интеграција, Нику Попеску. Toj во својство на претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ја истакна важноста на теренските мисии на ОБСЕ и нивното директно влијание на животот на луѓето и изрази благодарност за поддршката која Молдавија ја даде на украинските бегалци.
Своето присуство во Молдавија Османи го дефинираше како јасен сигнал за поддршката на претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, во однос на решавањето на предизвиците со кои Молдавија се соочува, особено за процесот за решавање на Транснистрија.
Тој посочи дека организација е свесна за последиците кои воената агресија кон Украина ги предизвика врз процесот за решавање на Транснистрија и уште еднаш нагласи дека работата во формат 5+2 која во моментов е во мирување, останува единствениот формален, меѓусебно договорен формат за решавање на конфликтот.
„Ќе застанеме зад секој напор кој обезбедува позитивна динамика за поддршка на целосното спроведување на претходно договорените мерки и идентификација на нови области за договор“, порача Османи.
Тој потенцираше и дека Мисијата на ОБСЕ во Молдавија треба да продолжи да ги посредува средбите 1+1 и работните групи, но и да ги поддржи напорите за градење на доверба, истакнувајќи ја својата поддршка за нејзината работа.
Османи потсети дека мотото на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ е „За луѓето се работи“ и истакна дека неговата цел под ова мото е да се направи многу, како за Организацијата, така и за луѓето на кои им е потреба помош. Тој истакна дека се стреми кон зајакнување на соработката и промоција на мирот и стабилноста во целиот регион на ОБСЕ.
