книга

Прв критички одглас за првиот роман за Блаже Конески

14.02.2023 09:31

Објавен е првиот критички одглас за првиот и досега единствен роман за Блаже Конески, „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски, кој излезе од печат минатата година...

Објавен е првиот критички одглас за првиот и досега единствен роман за Блаже Конески – „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски, кој излезе од печат минатата година. Авторка на рецензијата за овој, најнов роман на Гилевски е универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, која важи за исклучителен проучувач и почитувач на делото на Конески.

Романот „Излезе сејачот да сее“ со сите свои и фикциски и фактички моменти е вистински споменик за Конески, за оној Конески што не го познаваме, за оној Конески надвор од сите негови книги, ститии, песни, граматики, истории што ни ги остави во аманет, нагласува Мојсова-Чепишевска.

Според неа, овој роман за Конески е граден низ силна дијалошка форма на повеќе култури.

Во критичкото микрочитање на ова прозно дело, таа го отвора и прашањето зошто Гилевски го насловува токму така ова свое остварување, кое, според неа, колку што е роман за Конески, толку е роман и за Гилевски и за сите оние од генерацијата на Конески и од генерацијата на Гилевски, поточно за сите што имаат вистински удел, помал или поголем од тие 60-ти години на минатиот век кога започнува да се испишува современата (модерната) македонска книжевна и културна сцена па наваму.

Поврзувајќи го насловот на романот со параболата за сејачот од Новиот завет, односно за семето кое и покрај сите неуспеси, на крајот успева да пушта корен и да дава голем принос, да дава храна која ќе ги храни и телото и душата, Мојсова-Чепишевска укажува на прашања на кои поттикнува делото на Гилевски:  Беше ли таков сејач нашиот Конески и остави ли безброј оптимистички параболи?  Според универзитетската професорка, поупатениот читател ќе се насочи и кон краткиот осврт или малиот есеј на Конески, со ист наслов како и овој роман „Излезе сејачот да сее“, првично објавен во списанието „Одјек“, во 1979 година.

По осврнувањето на релацијата на Гилевски со Конески, засведочена во ова дело, но едновремено и релациите на Гилевски со роднокрајот во Грција (Егејска Македонија) и со Унгарија, кои се рефлектираат во нарацијата, „Излезе сејачот да сее“, Мојсова-Чепишевска ги исчитува и преку четири модалитети на сеќавањето.

Преку микропрочитот од Мојсова-Чепишевска на „Излезе сејачот да сее“ од Гилевски се отвораат и низа други прашања кои задираат во нашата книжевна и културна историја, но едновремено и во исчитувањето на современата биографска проза.

Инаку, Весна Мојсова-Чепишевска е и авторка на книгата „Конески како тестамент“, на чија промоција минатата година и укажа на потребата покрај преку поезијата и музиката, на Конески да му се посвети внимание и преку другите форми на уметнички израз.