Несовесен фармер од кочански Долни Подлог добитокот го чува во нехумани услови
Крајно нехумените услови во кои се чува добитокот, со себе носи голем ризик и за луѓето...

Хорор во кочански Долни Подлог. 20-тина крави се чуваат во скандалозно лоши услови, заробени во кал и оставени без доволно вода и храна
„Гледатe во какав акал е добитокот. Никој со него не може да се разбере“, вели Зоран Арсов, жител на село Подлог.
„Ова го нема никаде на светот. Сум бил и на планини и по патишта, вакво нешто како во нашето село нема никаде“, додава Илчо Арсов, жител на селото Подлог.
„Состојбата е многу лоша. Треба да се преземат мерки и да се реши. Нема човек што го оправдува ова“, изјави Гоце Арсов, жител на село Долни Подлог.
Крајно нехумените услови во кои се чува добитокот, со себе носи голем ризик и за луѓето.
„Во конкретниот случај во ваква ситуација туберкулозата е неизбежна во ова село каде имате регистрирано случај на нехумано однесување со животните“, изјави д-р Крсте Митев, лекар по ветеринарна медицина.
Што за целата работа велат во општина Кочани, која заедно со ветеринарната и еколошката инспекција е надлежна за решавање на проблемот?
„Општината настојува заеднички со сопствениците да ги подобри условите каде живее добитокот. Значи, тој да се смести, надвор од населените места, во посебни услови као што налага законот“, изјави Ратко Димитроски, градоначалник на Кочани.
Инаку, според Законот за заштита на животните, сопствениците се должни на добитокот да му обезбедат нормални услови за живот што подразбира вода, храна и хигиенски услови. Во спротивно, надлежните инспекции имаат право добитокот да го одземат, а против сопственикот да покренат санкции.
Оливера Жежова
