Турција- Сирија

Завршува спасувачката операција по земјотресот

14.02.2023 09:59

Повеќе од седум дена по разорните земјотреси во Турција и Сирија, спасувачките екипи продолжуваат со напорите да пронајдат преживеани под урнатините. Жртвите во двете земји се веќе близу 40 илјади...

Момче и маж се спасени од урнатините во тешко погодената турска провинција Караманмараш, 198 часа по разорниот земјотрес од 7,8 степени. До сега загинаа над 37.000 луѓе во Турција и Сирија.

Спасувачите и ноќеска ги пребаруваа урнатините на илјадниците урнати згради, осум дена по земјотресот.

„Има некои новородени бебиња овдеСемејствата секогаш плачат и бараат помош со работите за бебињата“вели хуманитарка.

„Условите се сурови. Надвор е зимаТемпературите се под нулата. Постои и ризик од здравствени проблеми кои доаѓаат. Затоа сме загрижени“изјави Филипо Мацарели, шеф на теренската канцеларија на УНИЦЕФ Турција.

Обединетите нации рекоа дека спасувачката фаза наскоро ќе заврши и внимание да се посвети на обезбедување засолниште, храна и медицинска грижа за преживеаните. Генералниот секретар Гутереш потврди дека е наложено отворање два гранични премина кон Турција, за помош наменета за одредени области на Сирија.

Европратениците на дебата со Комисијата за итниот и хуманитарен одговор на ЕУ на катастрофалните земјотреси.

„Нашите мисли се со семејствата на загинатите, заробените, повредените. И со сите спасувачи кои се борат со часовникот ноќе и дење за да спасат животи“, изјави Роберта Мецола, претседателка на Европскиот Парламент.

„Само неколку часа по земјотресот, Европската Унија мобилизираше тимови за пребарување и спасување за Турција. Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија понуди 32 тима за пребарување и спасување и шест медицински тимови од 21 земја-членка на ЕУ и три други европски земји-учеснички“, додаде Јанез Ленариа, еврокомесар за управување со кризи.

Потпретседателот на Турција, Октај, рече дека гласините за безбедносни проблеми во регионите со земјотрес се лажни.

„Гледаме дека има некои вести за миграцискиот бран и безбедносните перцепции и проблеми во однос на безбедноста. Ова не може да е вистина, бидејќи на лице место има повеќе од 130 илјади полицајци“, изјави Фуат Октај, Потпретседател на Турција.

Повеќе од еден милион луѓе во Турција останаа без дом по земјотресот, а се проценува дека бројката е уште поголема во Сирија, каде што хуманитарната помош потешко доаѓа поради сложената политичка ситуација.

 

Марина Ристова