Турција- Сирија

Завршува спасувачката операција во Турција и Сирија

14.02.2023 12:27

Расте бројот на загинати по катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија. Малку надеж за пронаоѓање на уште многу преживеани. Се повеќе спасувачи заминуваат од земјата. Турските власти апсат градежни изведувачи. Во Советот за безбедност дебата за помош на Сирија...

Девет дена и речиси двесте часа по катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија, под урантините се спасени уште двајца. Желбата за живот на 17-годишниот Мухамед Енес посилна од тешкиот бетон и метал во областа Кахраманмараш, епицентарот на разорните потреси.

Од Обединетите нации потврдија дека спасувачката операција наскоро ќе заврши. И цивилната одбрана во Сирија очајно го пребарува теренот.

„Осум члена на семејството исчезнаа, четворица извлековме и со свои раце ги закопавме. Цивилната одбрана спаси тројца, под урнатините има уште едно девојче и не знаеме ништо за неа“, изјави Хусеин Вахид Ханан од Џиндерис.

Откако Генералниот секретар на ООН, Гутереш наложи отворање на два гранични премина кон Турција за транзит на помошта наменета за погодените области во Сирија, два авиона од Романија со над 40 тони хуманитарна помош летнаа кон двата дела на поделената земја. Стигна и саудиска помош.

„За делот под надлежност на сириската влада помошта ќе биде предадена во Бејрут, на претставници на Обединетите Нации. Што се однесува до другата страна на земјата, помошта ќе слета во Газиантеп, во Турција. Организацијата за миграција ќе биде задолжена за рамномерна распределба“, истакна Раед Арафат, началник на Одделот за вонредни состојби.

Во моментов постои ризик од здравствени проблеми поради суровите зимски временски услови. Важно е да се посвети внимание на обезбедување засолниште, храна и медицинска нега за погодените. Повеќе од еден милион луѓе во Турција останаа без дом по земјотресот, а се проценува дека бројката е уште поголема во Сирија.

„Условите се сурови. Надвор е зима. Температурите се под нулата. Постои и ризик од здравствени проблеми кои доаѓаат. Затоа сме загрижени“, изјави Филипо Мацарели, шеф на теренската канцеларија на УНИЦЕФ Турција.

Спасувачки тимови од 80 земји учествуваа во потрагата.

 

 

 Маријана Димовска