Ковачевски: Веќе се работи со потенцијални добавувачи на лекот „Трикафта“
Најтешко болните пациенти со цистична фиброза не губат надеж дека ќе ја добијат битката. Неопходниот лек „Трикафта“ го очекуваат до крајот на овој месец...

Најтешко болните пациенти со цистична фиброза не губат надеж дека ќе ја добијат битката. Неопходниот лек „Трикафта“ го очекуваат до крајот на овој месец. Од Асоцијацијата велат дека според нивните информации, Детската клиника добила одобрување од Бирото за јавни набавки на лекот и постапката е почната.
„Процедурата понатаму тече со преговори со производителот. Ние сè уште не знаеме за овие 2 милиони и двесте илјади евра дали ќе бидат обезбедени осум лекови, дали ќе бидат обезбедени повеќе или помалку. Сепак се работи за преговарачки процес, во кој фирмата производител ќе даде своја понуда. Искрено се надеваме и очекуваме тоа се наши најоптимистички надежи, дека лековите за овие пациенти ќе стигнат во најкраток можен рок, очекуваме дека тоа ќе биде крајот на февруари“, изјави Богдан Настески – Герман – асоцијација за цистична фиброза.
Премиерот Ковачевски, вели дека работни групи веќе работат на законската регулатива, за да може лекот да се купи директно од производителот, а на овој начин да се набави и по пониска цена, за сите болни да бидат покриени со терапија.
„Клиниката за пулмологија и детски болести веќе работат со потенцијални добавувачи, а работната група веќе работи на промена на законите, со цел да се обезбеди можност за купување на лековите од производител кој произведува патентиран лек и со тоа да може да биде достапен лекот по пониска цена од таа којашто во моментов ја има, а еден лек е 330 илјади евра“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Владата.
Чекајќи да стигне лекот, битката со болеста не ја доби Благојчо Илиевски, премиерот Ковачевски, одговорноста ја лоцираше во државната бирократијата.
Андријана Ѓурческа
