Убиени и ранети во пукање на универзитетот во Мичиген
Три лица загинаа, а најмалку петмина се повредени во пукотница на Државниот универзитет во Мичиген. Полицијата соопшти дека телото на осомничениот било пронајдено надвор од универзитетскиот кампус...

Вооружен маж пукал на две локации во кампусот на Државниот универзитет во Мичиген. Убил најмалку тројца, по што извршил самоубиство. Полицијата соопшти дека неговото тело било пронајдено надвор од универзитетскиот кампус. Петмина се повредени и се пренесени во болница. Дел од нив се во животна опасност.
„Добивме повеќе повици за пукање во салата Берки. Бевме брзо на местото и лоциравме неколку жртви на пукањето. Инцидентот се пресели во зграда во непосредна близина, зградата на Унијата на Државниот универзитет во Мичиген, каде што имаше уште една пријава за пукање веднаш по првиот инцидент“, изјави Крис Розман од Полиција на кампусот на Државниот универзитет во Мичиген.
На Државниот универзитет Мичиген студираат повеќе од 50.000 студенти. Се претпоставува дека осомничениот дејствувал сам.
„Ова е шокантен ден. Нашите срца се скршени. Ова е незамисливо нешто, се случувало на други места и во друго време, но не верувавме дека може да се случи тука. Скршени сме од загубата на човечки животи и заедно сме со фамилиите кои се погодени од оваа трагедија“, изјави Тереза Вудраф, привремен претседател на Државниот универзитет во Мичиген.
Поседувањето оружје во САД е широко распространето поради што често доаѓа до оружени напади. Десетици илјади луѓе умираат секоја година поради оружено насилство.
Марина Ристова
