Се полнат индустриските зони во Прилеп
Забрзано се развиваат бизнисите во Прилеп. Се полнат индустриските зони со нови капацитети, се вработуваат работници. Ова е денешната економска слика од Прилеп...

Околу 2.000 нови вработувања се очекуваат во Прилеп во наредниот период со изградба на фабриките во индустриската зони Прилеп 1, каде веќе 5 фирми започнаа со градба на своите фабрики. Бизнисмените оценуваат дека кризата веќе одминува и економијата оди во нагорна линија.
„Имаме зголемено побарување за капацитет. Полека кризата заминува, нарачките се зголемуваат, исто така и потребата за работна сила се зголемува“, рече Дејан Наумоски, бизнисмен.
Сите инвеститори најавуваат зголемен број на вработени.
„Се работи за погон кој ќе има околу 2.000 метри квадратни, се надеваме дека тука ќе се вработат 50 нови лица“, изјави Дражен Котески, бизнисмен.
„Инвестицијата ќе биде околу 1 милион евра и ќе вработиме 300 нови лица“, истакна Ратко Наумоски, бизнисмен.
„Ќе го прошириме работењето на нашата градежна компанија и секако со тоа проширување ќе имаме потреба и од десетина нови луѓе“, рече Тоде Илиоски, бизнисмен.
Општината во зоната веќе вложи 300.000 евра за изградба на комплетната инфраструктура.
Индустриската зона Прилеп 1 е составена од 21 локација, кои беа распродадени во рекордно краток период.
„Очекуваме преку 10 фабрики оваа година да започнат со изградба, а наредната година да ги пуштиме во употреба. Меѓутоа не застануваме тука, се работи паралелно на индустриската зона Прилеп 2, која се наоѓа кај сточниот пазар, со 16 нови локации. Има доста заинтересирано инвеститори и за таму бидејќи се работи за помали локации од 1.000 и 2.000 метри квадратни“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Индистриската зона Прилеп 2 се очекува во иднина да вработи околу 1.000 нови лица. Со што во двете зони вкупниот број на нововработени луѓе би бил околу 3.000.
Дарко Штаргоски
