Политика

Различни ставови за излегувањата од Владата

14.02.2023 14:36

Власта и опозицијата со различни ставови за излегувањето на дел од коалициските партнери од Владата. Премиерот Ковачевски тврди – мнозинството е стабилно, за реконструкцијата ќе гласаат најмалку 64 пратеници. Според ВМРО-ДПМНЕ, Трајанов го напуштил бродот што тоне. Мицкоски со повик до пратеници на социјалдемократите да не подлегнуваат на притисоци…

Откако Алтернатива и Демократскиот сојуз се збогуваа со „Илинденска“ број 2, премиерот Ковачевски вели – мнозинство е силно и стабилно, за реконструкцијата на Владата ќе гласаат повеќе од 64 пратеници. Појасни дека кога го поднел предлогот, не се водел од персонални и кадровски побуди, туку целта била да се донесат потребните закони коишто ќе го унапредат животниот стандард и ќе ги зајакнат реформите на европскиот пат. Тој очекува дека Алијансата ќе го зацврсти мнозинството. Иако му забележа на Трајанов дека не гласал за законот за Фронтекс, сепак, рече дека радува што Демократскиот сојуз најавил дека ќе остане на европскиот пат.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сè повеќе партии го напуштаат бродот што тоне и оти мнозинството се намалува. Лидерот на партијата Мицкоски ги повика пратениците од СДСМ да не дозволат македонска влада да составува албанскиот премиер Рама и ги повика оние кои рефлектирале позиции различни од раководството на СДСМ да не подлегнуваат на притисоци.

Во меѓувреме, генералниот секретар на Демократскиот сојуз, Зоран Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа.

Игор Панов