НАТО

Дводневен самит на министрите за одбрана на НАТО

14.02.2023 14:40

Украина и одбраната на источното крило на НАТО – тема на дводневниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата...

Украина и одбраната на источното крило на НАТО – тема на дводневниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата. Членките на воениот сојуз ги здружуваат силите за воена помош за Киев, но и за побрза ратификација на протоколите за прием на Шведска и Финска во Сојузот, што според генералниот секретар Столтенберг, не е неопходно да се случи истовремено.

„Не гледаме знаци дека претседателот Путин се подготвува за мир. Финска и Шведска се веќе поблиску до НАТО. Главното прашање не е дали пристапувањата ќе бидат ратификувани заедно, туку дали и двете ќе бидат ратификувани што е можно поскоро“, рече Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Украина инсистира на тенкови и борбени авиони, но НАТО се фокусира повеќе на снабдувањето со муниција, без да се намалат сопствените воени капацитети. 

„Заедно собравме речиси 50 милијарди долари за воена помош од почетокот на инвазијата на 24 февруари лани. Нашата координираност прави суштинска разлика во тековниот миг“, изјави Лојд Остин-министер за одбрана на САД.

Воздухопловната одбрана и снабдувањето со муниција се поважни отколку дискусијата за борбени авиони. Обуката за летање трае со месеци, како и тренингот за распоредување на системите за вооружување“, изјави Борис Писториус-министер за одбрана на Германија.

За Москва, воената поддршка од Западот за Киев значи негово директно учество, одложување на судирот и потенцијална ескалација.

„НАТО е непријателска организација, своето непријателство го покажува секојдневно. НАТО дава сè од себе да покаже дека е вмешан во конфликтот“, рече Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

И додека руската војска се фали со напредок на источниот фронт, Украина се подготвува за нова офанзива од непријателот.

 

Маја С.Филдишев